Во организација на здружението „Проект среќа“, денес (1 декември) почнува проектот „И јас сум Дедо Мраз“, новогодишна кампања која има за цел да обезбеди новогодишни подароци за децата кои живеат во сиромаштија. Како изненадување, подароците во нивните домови ќе им ги донесе лично Дедо Мраз.
„Целта ни е што повеќе луѓе, особено јавни личности кои имаат голем број следбеници на социјалните мрежи да се приклучат кон кампањата. Ги поканивме нашите пријатели од јавниот живот до 10 декември да купат новогодишен подарок, убаво да ги завиткаат и на нив да стои за која возраст е и од кој пол е детето за кого е наменет подарокот, а тоа да се деца до 11 години. Фотографиите од подароците сакаме да ги објават на социјалните мрежи со хаштаг #ијассумдедомраз #проектсреќа и на тој начин да ги мотивираат сите граѓани, но и компаниите и институциите да го сторат истото. Важно е кај сите да се разбудат алтруизмот и хуманоста токму за Нова година, кога децата и луѓето кои немаат, се чувствуваат отфрлено“, изјави Кристина Арнаудова, основач на здружението „Проект среќа“.
Подароците се донираат до 18 декември, во канцелариите на здружението, а меѓу 20 и 27 декември Дедо Мраз ќе ги посети децата во нивните домови. На списокот на здружението има повеќе од 200 дечиња, а во проектот веќе се вклучија пејачи, актери, спортисти и политичари.