Одбележување на Светскиот ден на глувите во Македонската филхармонија

На 28. 9. 2018 година, Светскиот ден на глувите и наглувите, ќе се одржи манифестација по повод 70 години постоење на Националниот сојуз на глувите и наглувит на Р. Македонија. Манифестацијата ќе се одржи во Македонската филхармонија  во 12 часот (мала сала).

Оваа организација своите темели ги поставила на 28. 3. 1948 година и до 2018 година оствари многу плодна активност, организирана дејност и постигна вредни резултати на полето на заштитата, едукацијата и рехабилитацијата на глувите и наглувите лица на територијата на Република Македонија.

Во својот 70-годишен развој Сојузот на глувите и наглувите на Македонија минал во повеќе фази, извршил неколку промени во името и статутот на организацијата, ги променувал програмските приоритети, организациските шеми, усогласувајќи се со промените на општествениот систем, развиток на институционална мрежа, социјално законодавство и потребите на членството.

На манифестацијата ќе присуствуваат повеќе од 250 члена (глуви и наглуви) од здруженијата во цела Македонија, глуви ученици од училиштата „Партеније Зографски“ во Скопје и Заводот за рехабилитација на децата со оштетен слух „Кочо Рацин“ во Битола, кои ќе ја збогатат оваа манифестација со свој настап. Ќе присуствуваат претставници од Министерството за труд и социјална политика, од Владата, како и градоначалници од општините во Скопје, кои на одреден начин дадоа придонос во организирањето на овој настан.

На манифестацијата ќе се обрати претседателот на НСГНРМ, Томица Стојановски, и ќе ги запознае присутните со сегашната состојба на Сојузот, како и со неговата организациска поставеност. Ќе ги запознае и за сите реформи во Сојузот што во наредните две години се во план да се спроведат, за сите нови проекти што во иднина Сојузот планира да ги реализира, а се неопходни, со цел да има ефективен одговор на потребите на глувите и наглувите во Македонија.

 

Scroll to Top