Концертот на бендот „Тексас“ кој требаше да се одржи на 23 јуни во рамки на „Скопје колинг“ е одложен за 28 септември, најави организаторот „Авалон продукција“.
„Со жалење ве информираме дека сме приморани настапот на групата ‘Тексас’ да го презакажеме за септември, во СРЦ Кале. Пред 15 дена пејачката Шарлин Спитери доживеа тешка повреда, која лекарите во изминатиов период се обидоа да ја санираат. Таа има забрана на летање со авион и забрана за движење воопшто во наредниве десет дена, па бендот ги откажа настапите во Софија, Крагуевац и во Скопје“, велат организаторите.
Додаваат дека успеале да најдат нов термин за гостување на популарниот бенд во Скопје.
„Добрата вест во оваа лоша вест е што саботниот настап беше фестивалски во времетраење од 75 мин, а настапот во СРЦ Кале ќе биде целовечерно шоу во времетраење од 120 минути“, додаваат тие.
Влезниците за настапот на „Тексас“ во јуни ќе важат и за концертот во септември. Оние што нема да сакаат да го гледаат концертот во септември, ќе можат да ги вратат влезниците на продажното место каде што ги купиле.