Организаторите на големиот музички фестивал „Ентер фест“ денеска објавија фотографија со распоредот на сцените, но и местата каде што посетителите на фестивалот ќе може да побараат медицинска помош, со местата каде што ќе бидат поставени шанковите и каде ќе има полиција што ќе се грижи за обезбедувањето. „Ентер фест“ ќе одржува 29 мај до 2 јуни во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје на две големи сцени. Едната ќе биде во спортскиот центар, а другата пред арената, на отворено.
На фестивалот ќе настапат преку педесет музички ѕвезди, бендови и диџеи. Во петте фестивалски дена публиката ќе може да ги види Ера Иштрефи, „Дивље јагоде“, „Неверне бебе“, Дадо Топиќ, „Партибрејкерс“, „Ван Гог“, Тамара Тодевска, Теа,„Ај кју“ и многу други.
Организаторите на „Ентер фест“ најавуваат голем спектакл, со озвучување и осветлување што досега не е видено кај нас. Тие очекуваат преку 200,000 посетители од Македонија и странство. Билетите за настанот се во продажба од минатата недела, а блок-билети за сите фестивалски денови чинат 990 денари.