Здружението „Проект среќа“ почна со акцијата „Здраво шампиони“ што ќе им обезбеди бесплатна спортска опрема и бесплатни членарини во спортски клубови на деца кои живеат во социјален ризик.
Акцијата ќе биде промовирана на 1 април (недела) во рамките на традиционалната Женска трка, кај Фонтаната во Градскиот парк, каде што „Проект среќа“ ќе има донаторски штанд. Сите кои сакаат ќе можат да дојдат и да донираат за идните спортисти.
„Проектот го наменивме за сите деца од Македонија што сакаат да се занимаваат со спорт, а немаат услови за тоа. Поддржан е од Агенцијата за млади и спорт, од Сојузот на спортови на Град Скопје, а очекуваме поддршка од сите производители и дистрибутери на спортска опрема. Пријавувањето за донации ќе биде на нашата фејсбук-страница, како и до сега. Но, овој пат и училиштата и спортските клубови ќе можат да пријавуваат деца за кои мислат дека ваква помош им е добредојдена. Се надеваме на голема поддршка од донаторите“, рече Кристина Арнаудова, претседател на здружението.
„Можеби токму во тие деца се кријат најдобрите македонски спортисти. Замислете само колку деца не можат да посетуваат настава по физичко или да одат на тренинзи зашто немаат опрема“, додава таа.
Акцијата „Здраво шампиони“ ќе трае до почетокот на јуни. Освен оваа акција, „Проект среќа“ почна и со реализирање на проектот „Среќно матуранти“, со кој обезбедува комплетен матурски за сите матуранти, полуматуранти и апсолвенти кои тоа не можат да си го дозволат.
„Ги очекуваме пријавите на сите кои имаат потреба од ваква помош на нашата фејсбук-страница или кај нашата координаторката Благица Ристов“, изјавија од здружението.