Парите од концертот „Мала Италија патува“ наменети за болните од рак

Проектот „Мала Италија патува“, чиј иницијатор е Павле Камилоски, продолжува и оваа година, а новитет за неговото најново издание е хуманитарниот аспект на втората вечер од концертите, која ќе се одржи на 21 септември. Парите од продажбата на билетите се наменети за потребите на Одделението за онкологија на Клиниката за детски болести во Скопје.

„Како што знаете, ‘Мала Италија патува’ се случи спонтано, од голема љубов кон медитеранската музика. Успехот на проектот за мене не би бил целосен доколку не го споделам со една од најважните здравствени установи во нашата земја, Клиниката за детски болести во Скопје, односно Одделот за онкологија. Најубави емоции во мене се будат за време на концертите, но верувам дека она чувство што ќе го доживеам вечерта кога ќе пеам за децата од Онколошкото одделение не се споредува со ниту едно друго. Среќен сум што ќе придонесам за разубавувањето на реалноста на пациентите сместени на ова одделение“, вели Камилоски.

Двата дена, 19 и на 21 септември, од 20:00 часот, ќе бидат посветени на најубавите светски балади и ќе бидат споделени со љубителите на безвременската италијанска, француска и шпанска музика во големата сала на Македонска опера и балет.

Scroll to Top