Професорката Загорка Поп-Антоска Андовска, драматург и драмски автор, упати повик до сите уметници, од сите бранши, за вмрежување во една организација преку „Даста нетворкинг“.
„Имаме за цел да направиме мрежа на млади уметници од сите полиња на уметноста – филмски, театарски работници, ликовни уметници, музичари, мултимедијални уметници… Секој млад уметник кој сака да стекне искуство, кој сака да го наполни своето портфолио со проекти, секој што има желба да го изрази својот уметнички став и талент, да се надградува, кој е зависен од сцената, може да стане дел од ова вмрежување и да пронајде соработници на својот проект, помош во реализација, логистика, опрема, простор“, вели професорката.
На повикот за вмрежување на академијата „Даста“ може да се пријават млади уметници, студенти на завршни години, искусни професионалци, културни институции, медиуми, приватни компании, сите кои преку принцип на безпарична помош имаат желба да го споделат своето искуство. Секој млад уметник може да поднесе барање за пристапница на сајтот на „Даста“.