Познати финалистите на „Макфест“

Уште десет од шеснаесетте композиции што се натпреваруваа во вчерашната втора полуфинална вечер на „Макфест 2018“ влегоа во финалето на 33. издание на популарниот фестивал, кое ќе се одржи вечерва во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Вкупно 20 нови рефрени ќе се натпреваруваат занагради во износ од 5, 4 и 3 илјади евра за првите три места, како и за четирите стручни награди во вредност од по 500 евра.

Во втора полуфинална вечер победи баладата „Никогаш не вели никогаш“ во изведба на талентираната Антонија Гиговска. Втор беше Роберт Билбилов, се врати на сцената во неколкугодишна пауза со „Чудни места“. Трета беше Дани со „Време“ . За вечерашното финале се пласираа и „Би те одбрал само тебе“ од Александар Тарабунов, „Разбуди ме“ од Огнен Здравковски, „Изгреј сонце“ од триото „Џентлмен“, „Не си ти крив“ од Барбара, „Тој сон нека потрае“ од штипјанецот Давид Миладинов, „Ме научи да бидам своја“ од Анастасија и „Песно моја“ од Весна Спасова.

 

Како и на првото полуфинале така и вчера шест композиции не успеаја да обезбедат доволна поддршка од жиријата и публиката, па натпреварот заврши за Марјан Стојаноски со неговата „Љубов искрена“, Ивона Јовановиќ со „Убав е овој свет“, Наталија Славева со „Штом љубовта исчезне“, дебитантот Симеон Коруноски со „На светов си сè“, Мартина Митревска со „Мое мило“ и Анета Ристова Василева со „Како зрно песок“.

Дваесетте финални композиции уште еднаш ќе ги слушнеме вечерва со почеток од 20.30 минути, преку директниот пренос на првата програма на МРТ. Макфест ќе го оди Марјана Станојковска. Во ревијалниот дел од вечерта ќе пее Дарио Панковски.

Scroll to Top