Прва самостојна изложба и ревија на Моника Блажевска

Младата уметничка Моника Блажевска на 15 февруари, четврток, во просториите на „ВИП-база мезе-бар“ ќе ја одржи првата самостојна изложба со наслов „Љубовта е уникат“.

Изложбата е замислена како уникатна – со презентација на уметнички дела со добра дружба во ноќта, љубовна поезија, песни и скапоцена голтка вино со сортните вина на винарницата „Езимит Вино“.

Во програмата ќе настапат естрадните уметници Зои Блаж, Ристо Апостолов од групата „Водолија“,  Роберт Вуќелиќ, поетесите Оливера Доцевска, Елена Пренџова, Ана Љубиќ и Валентина Ѓоргиевска-Парго, модераторка на вечерта ќе биде Деспина Јанакиевска, а ќе има и евровизиска музика во избор на „ИНФЕ Македонија“. Во креирањето на овој настан учество ќе земат и уметникот кандидат – нобеловецот Живко Поповски – Цветин, и Марга Филиповска.

Моника дипломирала на Европскиот универзитет, Факултет за арт и дизајн, насока графички дизајн. Работи како графички дизајнер и сликарка.

Досега има учествувано на седум групни изложби, а има отворено и своја галерија со уметнички слики во Трговскиот центар „Беверли Хилс“. Ова е нејзина прва самостојна изложба.

Нејзина специјалност се уникатни уметнички цртежи на облека, изработува рачно насликани портрети на маички, марами, фустани, по што стана препознатлива, барана, популарна и се издвои како урбана уметница.

На својата уметничка вечер Моника ќе презентира 15 уметнички слики и модна ревија со нејзини цртежи на облека, кои ќе ги презентираат младите модели Ивана Гелева, Теодора Бојчева, Дона и Симона Станчеви и заштитните лица на најновата колекција БМ, поп-пејачката Зорица (Зои) Блаж и словенечкиот спортист Тадеј Матијашиќ.

 

 

Scroll to Top