Хрватската пејачка Северина ќе биде главна ѕвезда на традиционалната штипска „Пастрмалијада“, која ќе се одржува на 21, 22 и 23 септември. Освен Северина, на манифестацијата ќе настапат Влатко Стефановски, групата „Ван Гог“, Северина, „Амадеус бенд“ и познати македонски пејачи, рече Кирил Панајотов од Општина Штип на денешната на прес-конференција.
„В петок од 21 часот, кога ќе биде пресечена џиновската пастрмалија, музичкиот програмски дел го отвора Кристина Арнаудова-Петровски. По неа настапуваат Влатко Стефановски и Дани Димитровска, а на крајот, околу 23 часот, е белградската група ‘Ван Гог’. Втората вечер, в сабота, се отвора со двајца штипјани Зоран Илиев и Јоце Панов, а по нив настапува хрватската ѕвезда Северина. На 23, в недела, вечерта ја отвора ‘Либеро бенд’. Следуваат настапи на Мирза Селимовиќ и ‘Амадеус бенд’, како завршна програмска група“, рече Панајотов.
И штипските угостители биле заинтересирани за поставување штандови, а Општината има поддршка и од бизнисмените.
Генерален покровител на „Пастрмалијада“ е Скопска пиварница. Општина Штип од својот буџет за манифестацијата одвои 2.500.000 денари, останатиот дел ќе биде покриен од покровители и спонзори. Па севкупно „Пастрмалијадата“ ќе чини околу 4.500.000 денари. И оваа година ќе се одржи кај кружниот тек кај Градскиот стадион.