Шон Пол е „лажов“, организаторите брука, реагира излажаната публика

Вчеравечер требаше да се одржи концертот на Шон Пол. Организаторите, „Фјужн продукција“, само три часа пред концертот јавија со соопштение дека Шон Пол нема да дојде, иако целата негова екипа била веќе дојдена во Скопје и спремна, а и осветлувањето и озвучувањето на сцената биле исто така наместени.

По ова следеа реакции на фановите на Пол кои решиле да дојдат на концертот и купиле билет. Лути пишуваа на социјалните мрежи дека е „срамно три часа пред концерт да се напише дека Шон Пол не доаѓа во Скопје“. Реакции имаше и од обожаватели кои тргнале од други градови од земјава кон Скопје, па за веста прочитале кога дошле во Скопје или некаде попат.

Разочарани, обожавателите на Пол пишуваа дека е „лажов“.

Организаторите наведоа дека Шон Пол не можел да дојде поради технички проблеми на аеродромот, иако многумина не веруваат во тоа.

„Причината за откажувањето на концертот, и покрај тоа што речиси целата екипа на Шон Пол вчеравечер пристигна во Скопје, е тоа што Шон Пол, за жал, поради технички причини беше спречен да се качи на закажаниот лет во Лондон“, пишува во сооштението на организаторите.

Органзаториоте пред концертот најавија и дека греми-добитникот во Скопје нема да се задржи долго, но сепак ќе има време да се запознае со публиката и да го види Скопје. Во однос на барањата што требаше да ги има на располагање пред и по концертот, изгледаше отприлика вака – доволно чист простор за него и неговата екипа, многу вода, овошје и храна која би требало да е свежо приготвена.

Билетите за концертот беа по различни цени, од 1 100 за партер до 8 500 за ВИП. Организаторите во понеделникот испратија соопштение во кое известуваат дека за еден купен билет за фанпит, другиот се добива по половина цена. Повеќето зборуваат дека концертот е откажан поради слаб интерес.

Организаторите соопштија дека сите оние кои купиле билети истите ќе можат да ги зачуваат за новиот датум, кој ќе бидат соопштен дополнително, или да си ги вратат средствата на продажното место од каде што го набавиле билетот.

Scroll to Top