Една од најпопуларните поп-изведувачки во светот, Анестејжа, во вторник, на 15 мај, ќе има концерт во Скопје во ВИП-арената „Борис Трајковски“. Во пресрет на концертот светската пејачка за престојот во Скопје имала скромни барања кажаа за “Репортер“ организаторите на концертот.
Со оглед на тоа дека се лекувала од рак на дојка, Анестејжа побарала да има подготвено исклучително здрава и нискокалорична храна. „Житарки, овошје, зеленчук, свежи сокови и салати,се дел од намирниците на менито на поп-пејачката, кои освен во собата, треба да ги има и во гардеробата“, велат организаторите на концертот. Освен многу вода, Анејстејжа не барала никаков алкохол. На листата имало и бескофеинско кафе. Пејачката побарала од организаторите да биде сместена во хотел што ќе биде во мирен предел за да може да се одмори пред концертот.
Покрај здравата храна, задолжително треба да има и многу огледала во просторијата каде што ќе се подготвува пред настапот. Пејачката во Скопје доаѓа со тим од 25 луѓе, кои ќе се грижат за неа и за нејзиниот настап. Пејачката доаѓа со личен фризери, шминкер и стилист.
Настапот на Анестејжа е во рамките на европската турнеја насловена Evolution, со која се враќа на музичката сцена.
Поп-легендата којашто има продадено повеќе од 30 милиони копии на своите албуми извесен период се повлече од музиката затоа што имаше две животни битки со коишто мораше да се справи. Карциномот не ја заобиколи ниту Анестејжа, којашто денес раскажувајќи за својата лична борба, помага на милиони луѓе со слични проблеми ширум светот.
Организатори на концертот се „Прагна продукција“ .
А.Георгиев