„Снежната кралица“, бајката на Ханс Кристијан Андересен, е новата претстава што ќе се игра во Театарот за деца и младинци. Премиерата е в среда во 19 часот. Текстот е на Билјана Крајчевска, режијата на Драгана Милошевски-Попова.
Класичната бајка од Андерсен, напишана во 1844 година, вторпат се поставува во ТДМ. Првиот пат тоа беше куклената претстава што се играше во 2005 година.
„Снежната кралица со своите невидливи сили, лукавоста и злото, на што ја тера осаменоста, е претставник на ладниот разум и не може да сфати дека постојат луѓе што се спремни да се откажат од сопствениот интерес и да се жртвуваат заради љубовта и пријателството. Во оваа претстава не нудиме одговори спакувани во убава хартија со панделка, туку ги провоцираме децата да размислуваат и сами да донесат заклучок“, рече режисерката Милошевски-Попова на денешниот прес.
Во претставата играат: Ана Левајковиќ-Бошков, Сара Климоска, Бојан Кирковски, Симона Спировска, Мики Анчевски, Емра Куртишова и Мартин Јорданоски.