Македонскиот музичар Тајзи го најави својот најголем самостоен концерт досега, кој ќе се одржи на 27 декември во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Концертот, насловен „Тајзи и пријателите“, ќе биде круна на неговата 18-годишна музичка кариера.
Во текот на своето музичко патување, Тајзи изгради препознатлив авторски стил, објавувајќи четири студиски албуми и повеќе од 80 авторски песни, со кои остави силен белег на домашната музичка сцена.

По повод најавата за концертот, Тајзи порача дека овој настап претставува исполнување на долгогодишен сон и можност за заедничка прослава со публиката која го поддржува низ годините.
„Кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека сите овие години вредеа за да стигнам до оваа точка. Ова е мојот најголем концерт досега, но уште повеќе ме радува што ќе го споделам со луѓето кои веруваа во мене од самиот почеток. 2026 ми донесе љубов, семејна среќа и многу причини за благодарност. На 27 декември сакам сето тоа да го прославиме заедно“, изјави Тајзи.
Организаторот „Евентум“ најавува концертен спектакл со врвна продукција, современа сценографија и внимателно подготвена програма, во која покрај најголемите хитови на Тајзи ќе настапат и бројни специјални гости.
Концертот „Тајзи и пријателите“ се очекува да биде едно од најголемите музички случувања на крајот од годината, со кое ќе се одбележат 18 години успешна кариера, исполнета со хитови, бројни соработки и силна поддршка од публиката.






