Од 29 мај до 02 јуни на две сцени во спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се одржи првото издание на музичкиот фестивал „Ентер фест“. На прес конференцијата што се одржа денес, организаторите открија дел од имињата на ѕвездите што ќе настапат на фестивалот во Скопје. Ера Иштрефи, Масимо Савиќ, „Атомско склониште“, Дадо Топиќ, „Партибрејкерс“, „Дивље јагоде“ се само дел од 40те имиња што беа објавени денес. Од Македонија засега се знае дека ќе настапат Тамара Тодевска, „Ај кју“, Кристина Арнаудова, „ДНК“, Игор Џамбазов и Гуру Харе.
Организаторите откриваат дека ќе бидат ангажирани 1.000 лица да се грижат за обезбедувањето и организацијата на фестивалот. Додаваат дека ќе се користи врвната техничка опрема, специјалните светлосни ефекти кои ќе го осветлат цело Скопје и дека ќе се донесе озвучување од странство. Очекуваат фестивалот да го посетат преку 200,000 луѓе од Македонија и регионот.
Билетите се „Ентер фест“ се веќе пуштени во продажба, а чинат 990 денари за сите пет фестивалски дена.