Македонската пејачка Зарина Првасевда најавува ново музичко дружење кое ветува исклучителна атмосфера, емоција и блискост со публиката. Настанот ќе се одржи на 16 мај 2026 година во Public Room, со почеток во 21:00 часот, а интересот веќе е голем.
Ова ќе биде третото по ред музичко собирање што уметницата го организира, создавајќи своевидна традиција која, како што самата вели, „расте како песна што не сака да заврши“. Концертот е замислен како интимно доживување, каде музиката ќе се доживува без бариери – „на јазици што се разбираат без превод“, во атмосфера исполнета со блискост, прегратки и заедничко уживање.

Публиката ќе има можност да ужива во спој на традиционални мотиви и современ израз, карактеристичен за стилот на Првасевда, кој во последните години привлекува сè поголемо внимание кај љубителите на автентична музика.
Организаторите информираат дека бројот на билети е ограничен поради просторот, а цената изнесува 600 денари. Билетите се достапни преку платформата Tix.mk, а заинтересираните се повикуваат да побрзаат со резервации.
„Да се најдеме таму каде што музиката не нè прашува кои сме – туку нè потсетува“, порачува пејачката, најавувајќи вечер која ќе биде повеќе од концерт – вистинско музичко доживување.





