Apple вечерва го одржува септемврискиот настан – се очекува првиот iPhone на преклоп

Apple вечерва го одржува својот главен годишен настан, на кој се очекува да ги претстави новите генерации од своите најпопуларни уреди. Настанот започнува во 19 часот по македонско време, а ќе се пренесува во живо преку официјалната интернет-страница на компанијата, Apple TV и YouTube.

Главното внимание годинава не е насочено само кон новите модели од серијата iPhone 18, туку и кон долгоочекуваниот прв телефон на преклоп на Apple.

Според досегашните неофицијални информации, на настанот треба да бидат претставени iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max, додека основниот iPhone 18 би можел да пристигне дури напролет. Со тоа Apple би го променил досегашниот распоред, според кој сите главни модели од новата генерација беа претставувани во септември.

Најголемата ѕвезда на вечерта, сепак, би можел да биде првиот iPhone на преклоп. Уредот претходно неофицијално се нарекуваше iPhone Fold и iPhone Ultra, но последните гласини посочуваат дека на пазарот би можел да се појави под името iPhone Duo.

Се очекува телефонот да има формат налик на книга и да претставува едно од најголемите дизајнерски освежувања на iPhone во последните години. Apple релативно доцна влегува во сегментот на преклопливи телефони, во кој конкурентите се присутни веќе неколку години, но токму тоа би можело да ѝ овозможи на компанијата да ги усоврши механизмот за преклопување, издржливоста и видливоста на линијата на екранот.

Покрај новите телефони, се очекува Apple да претстави и нови генерации на своите паметни часовници, меѓу кои Apple Watch Series 12 и Apple Watch Ultra 4, а можно е да бидат прикажани и нови слушалки AirPods.

Ова ќе биде првиот голем производствен настан под водство на новиот главен извршен директор Џон Тернус, кој на почетокот на септември го наследи Тим Кук. Иако конкретните производи и нивните имиња сè уште не се официјално потврдени, се очекува ова да биде еден од најзначајните настани на Apple во последните години.

Scroll to Top