Астронаутите кои останаа заглавени во вселената: „Не се чувствуваме изневерени“

Двајцата астронаути на НАСА, Буч Вилмор и Сани Вилијамс, кои ќе останат во вселената до 2025 година, рекоа дека е тешко да се гледа нивното нефункционално летало како ја напушта Меѓународната вселенска станица без нив, но тие се обучени да „го очекуваат неочекуваното“.

Во јуни заминаа на осумдневна мисија за тестирање на капсулата Боинг Старлајнер. Инженерите забележале проблеми со погоните и истекување на хелиум, а НАСА одлучила да ги задржи Вилијамс (58) и Вилмор (61) на Меѓународната вселенска станица до февруари следната година. Осумдневниот тест се претвори во осуммесечна мисија.

„Ова е моето среќно место“, рече Вилијамс за време на конференцијата, но призна дека и недостигаат семејството и двете кучиња.

Тие рекоа дека не им е удобно со проблемите на „Старлајнер“, но им било тешко да го гледаат како ја напушта станицата и се враќа на земјата без нив. Но, Вилмор рече дека 90 отсто од нивната обука е „подготовка за неочекуваното“.

Тие им се заблагодарија на луѓето на Земјата што им испратија пораки и молитви. „Загриженоста за нас е многу трогателна“, рече Вилмор.

На прашањето дали се чувствуваат разочарани од НАСА, Вилмор одговори „апсолутно не“.

Тие на прес-конференцијата зборуваа за нивните рутини. Вилмор станува во 4:30, а Вилијамс два часа подоцна. Рекоа дека уживаат во секојдневното вежбање кое е од клучно значење за борба против губењето на коскената густина поради животот во вселената.

„Зглобовите не болат, што е прилично убаво“, додаде Вилмор. Најавија и дека ќе гласаат на претстојните претседателски избори.

Scroll to Top