Научниците неодамна на Нептун забележаа чудни температури кои не се однесуваат во согласност со нивните очекувања. Меѓународен тим од астрономи во текот на 17 години, со повеќе телескопи, вклучувајќи го и ESO (VLT), ги следи атмосферските температури на планетата и дозна за неочекуван пад на глобалните температури, проследен со драматично затоплување на нејзиниот Јужен Пол.
„Не го очекувавме ова. Го набљудувавме Нептун за време на неговото рано јужно лето, очекувавме температурите да се зголемуваат бавно, а не да се изладат“, рече Мајкл Роман од Универзитетот во Лестер.
Нептун, како и Земјата, има свои годишни времиња. Но, едно годишно време на Нептун трае околу 40 години. Имено, оваа планета е доста далеку од нашата ѕвезда и потребни се 165 години за да се направи полн круг околу Сонцето. Во нејзината јужна хемисфера, летото започна во 2005 година, а астрономите следеа како се менуваат температурите по јужната летна краткоденица. Тие прегледаа речиси 100 термални инфрацрвени снимки на Нептун со цел да добијат подобар увид во температурните трендови на најоддалечената планета во нашиот Сончев систем, пишува ESO.
Податоците покажаа дека, и покрај почетокот на јужното лето, повеќето од планетите продолжија постепено да се ладат во текот на изминатите дваесет години. Глобалната просечна температура се намали за 8 степени меѓу 2003 и 2018 година. Астрономите тогаш беа изненадени од драматичното затоплување на Јужниот пол, што се случи во последните две години, кога температурите нагло се зголемија за 11 степени. Иако научниците знаат дека има топол поларен вител на Нептун, тие никогаш не виделе атмосферата да се загрее толку брзо.
„Тоа се податоци за помалку од половина сезона, така што никој не очекуваше толку големи и брзи промени“, вели научникот Глен Ортон од институтот „Џет Прополшн лаборатори“.
Астрономите ја измериле температурата на Нептун со термални камери и ги комбинирале сите постоечки слики од Нептун собрани во последните две децении. Бидејќи Нептун е оддалечен околу 4,5 милијарди километри од Сонцето и е многу студена планета, со просечна температура од околу -220°C, не е лесно да се користи телескоп на Земјата за да се добие точен увид во нејзините температури.
„Тоа можевме да го постигнеме само со чувствителни инфрацрвени снимки од телескопи како VLT, а тие беа достапни само во последните 20 години“, вели Леи Флечер од Универзитетот во Лестер.
Бидејќи никој не очекуваше такви чудни температурни варијации, астрономите сè уште не знаат што точно ги предизвикува. Можеби тоа е хемиска промена во стратосферата, можеби тоа е случаен временски настан или сончев циклус. За разрешување на оваа мистерија ќе треба да почекаме уште малку, односно одговорот ќе го добиеме дури по дополнителни набљудувања на временските услови на оваа сина планета.
Нептун е повеќе од 30 пати подалеку од Сонцето во однос на Земјата и е единствената планета во нашиот Сончев систем што не е видлива со голо око. Таа е четири пати поголема од Земјата. Нептун има 14 сателити (месечини) именувани по морските богови и нимфи од грчката митологија. Има и пет прстени, но тие не се толку јасно видливи како оние на Сатурн. Таму дуваат неверојатни ветрови, најсилни во Сончевиот систем, кои можат да достигнат брзина од 1.770 километри на час.