Најголемата американска банка ги предупредува клиентите: Никогаш не сме виделе пад како оној на „Тесла“

Најголемата американска банка, JPMorgan, предупреди на драматичен пад на вредноста на „Тесла“ под водство на Илон Маск, наведувајќи дека никогаш досега не видела толку голема и брза загуба во автомобилската индустрија.

Форбс пишува дека JPMorgan во новата белешка до клиентите истакна дека пазарната вредност на „Тесла“ паднала за 127 милијарди долари оваа недела за само еден ден, додека политичкиот ангажман на Маск станува сè поконтроверзен.

„Тешко ни е да се потсетиме на нешто слично во историјата на автомобилската индустрија, каде што бренд изгуби толку многу вредност за толку кратко време“, пишуваат аналитичарите на JPMorgan.

Предводен од автомобилскиот аналитичар Рајан Бринкман, извештајот на банката ја намали прогнозата за испорака на возила на „Тесла“ за првиот квартал од 444.000 на 355.000, што е пад од 20%. Ова ги одразува стотиците милијарди долари што Тесла ги загуби во последните месеци.

Главната причина за овој пад, според JPMorgan, е „акутното“ влијание на политичките активности на Маск додека тој презема „сè поподелена улога во владата“ – финансиски еуфемизам за оценката дека Маск ја уништува „Тесла“ со својот политички ангажман.

„Работата на Маск на DOGE предизвика контроверзии во земјата“, напиша Бринкман, според „Бизнис Инсајдер“, додавајќи дека „иако има еднаков број на оние од десната страна кои се задоволни и оние од левата страна кои се незадоволни, влијанието врз продажбата на „Тесла“ сепак е негативно“.

Бринкман, исто така, истакна дека „Тесла“ е „во најголем ризик“ поради „променливата регулаторна клима“ во администрацијата на Доналд Трамп, што е иронично ако се земе предвид дека Трамп, и покрај неговото непријателство кон електричните возила кога ги нарече „демократско лудило“ и „нова зелена измама“ за време на кампањата, оваа недела рече дека ќе купи нов „Тесла“ за поддршка на Маск.

Во Европа ситуацијата е уште полоша, пишува JPMorgan. Блиските односи на Маск со Владимир Путин, дистанцирањето од Украина, анти-НАТО ставовите и поддршката за „екстремно десничарските политички партии“ – сето тоа, според Бринкман, сериозно му наштетува на угледот на „Тесла“. Како резултат на тоа, регистрациите на нови возила на „Тесла“ во Европа во јануари паднаа за 50% во споредба со истиот период во 2024 година.

Scroll to Top