„Невера“ на Мате Римац е најбрзата електрична кола на светот

„Невера“ на Мате Римац разви брзина од 412 километри на час и стана најбрзиот електричен сериски автомобил на светот, пренесува „Аутоблог“.

Од компанијата за тестирањето барале патека со овален облик со доволно долги рамнини за да ѝ овозможи на „Невера“ да развие максимална брзина.

„При поставувањето на рекордот, е поставена во таканаречен Top Speed Mod, создавајќи аеродинамички профил кој го урамнотежува отпорот и ја потиснува силата за да се обезбеди стабилност при големи брзини“, стои во соопштението на компанијата. При тестирањето, „Невера“ била опремена со „Мишелин“ гуми Cup 2 P, со надзор на техничари од Мишелин кои ја провериле нивната состојба.

Колата ја возел Мирослав Зрнчевиќ, главен тестен и развоен возач во  компанијата.

„Излегувајќи од овалниот дел на патеката од свиокот со околу 250 км/ч, Мирослав ја ослободи полната сила на „Невера“ за да достигне брзина од 412 километри на час – точно колку што е симулирано на почетокот на проектот“, објаснуваат од „Римац Автомобили“.

„Постигнатата брзина ја прави колата најбрз сериски електричен автомобил, дносно тоа е најголема брзина некогаш забележана на патеката Automotive Testing Papenburg. Брзината е измерена со помош на Racelogic B-Box, високо прецизен мерен уред базиран на GPS“, стои во соопштението.

 

Scroll to Top