Претставничкиот дом на САД го забрани „Ватсап“ на службените уреди

На помошниците во Конгресот на САД наводно им било кажано дека повеќе не можат да го користат WhatsApp  (Ватсап) на службени уреди. Главниот административен службеник на Претставничкиот дом (CAO) наводно во понеделникот го известил персоналот дека апликацијата – вклучувајќи ги мобилните, десктоп и веб верзиите – не е дозволена на уредите управувани од Претставничкиот дом.

„Канцеларијата за сајбер безбедност процени дека WhatsApp претставува висок ризик за корисниците поради недостаток на транспарентност во однос на заштитата на корисничките податоци, недостатокот на енкрипција на податоците во складиштето и потенцијалните безбедносни ризици поврзани со неговата употреба“, навел CAO во електронската пошта, според „Аксиос“

Microsoft Teams, Wickr, Signal, iMessage и FaceTime се наведени како прифатливи алтернативи. Вработените беа потсетени и да бидат претпазливи во врска со можни фишинг напади.

„Не се согласуваме со карактеризацијата што ја даде главниот административен службеник на Претставничкиот дом“, напиша портпаролот на Мета, Енди Стоун, на Network X.

„Знаеме дека членовите на Конгресот и нивните соработници го користат WhatsApp редовно и со нетрпение очекуваме да им дозволиме на членовите на Претставничкиот дом да го користат официјално, како што веќе прават нивните колеги од Сенатот. Пораките на WhatsApp се заштитени со енкрипција, што значи дека може да ги види само примателот, дури ни WhatsApp нема пристап. Тоа е повисоко ниво на безбедност отколку за повеќето апликации од списокот на CAO кои ја немаат оваа заштита“.

Оваа мерка доаѓа по ограничувањата за користење на други апликации кои беа оценети како ризични. Меѓу нив се ChatGPT, TikTok, DeepSeek и Microsoft Copilot.

Текстот Претставничкиот дом на САД го забрани „Ватсап“ на службените уреди е превземен од МАКФАКС.

Scroll to Top