Стотици илјади корисници се префрлија на Мастодон, откако Маск го купи Твитер

Корисниците на Твитер почнаа да бараат нова алтернатива откако Илон Маск ја презеде оваа социјална мрежа. Новата социјална мрежа Мастодон сега има над 655.000 корисници, од кои 230.000 се нови корисници од минатата недела.

Мастодон на прв поглед изгледа како Твитер: корисниците можат да се следат едни со други и пишуваат постови наречени toots, на кои може да се стави лајк и да се реобјават. Но, Мастодон функционира поинаку и тоа е една од причините што привлекува сè повеќе нови корисници.

При регистрирањето прво се избираат сервери, кои ги има многу и се тематски поделени, како земја, град и интереси. Тие му даваат една почетна заедница на корисникот, која веројатно ќе објавува содржини за кои и тој би бил заинтересиран.

Оваа социјална мрежа се појави пред шест години и моментално се соочува со најголемата активност досега. Мастодон не е една платформа и не е во сопственост на еден поединец или фирма, туку сите тие различни сервери се поврзуваат и формираат колективна мрежа. Со тоа се добива децентрализирана платформа, што ќе биде основата и на новата социјална мрежа на основачот на Твитер, Џек Дорси, наречена BlueSky.

Scroll to Top