(Видео) Саудиска Арабија претстави облакодер долг 170 километри, кој ќе биде град со девет милиони жители

Саудиска Арабија го објави дизајнот за новиот футуристички град „Линија“. Станува збор за 170 километри долг облакодер, што ќе се протега од Црвеното Море до северозападниот дел на земјата и треба да биде дом на девет милиони луѓе. Облакодерот ќе има фасада од огледала, ќе биде висок 500 метри, а широк само 200 метри. Целосно ќе се напојува од обновливи извори на енергија.

Структурата ќе се состои од два ѕида, меѓу кои ќе има отворен простор. Ќе има станбени, трговски и рекреативни области, паркови и училишта. Двата блока ќе бидат поврзани со повеќе мостови и покриени со зелени површини.

„‘Линија‘ ќе му даде уникатен карактер на градот и ќе овозможи целосно претопување со околината, а внатрешноста ќе нуди извонредни искуства и магични моменти“, велат од владата на Саудиска Арабија.

Економистите, архитектите и аналитичарите го опишуваат проектот „Линија“ како урбана утопија, но се сомневаат и дека нема да се реализира. За разлика од нив, престолонаследникот на Саудиска Арабија вели дека тоа е „цивилизациска револуција која ги става луѓето на прво место, а е драматична алтернатива за традиционалните, хоризонтални градови“. Саудискиот принц е и инвеститор на овој футуристички град.

Scroll to Top