Холивудскиот актер Ал Пачино зборуваше за филмот „Кум“ за кој рече дека на почетокот бил убеден дека ќе биде дебакл. Денес филмот слави 50 години од неговото прво прикажување. Некои од репликите кои се слушаат во него и денес многумина ги знаат напамет иако мина половина век од премиерата.
На доделувањето на Оскарите во 1973 година филмот беше прогласен за најдобар, а Марлон Брандо доби Оскар за најдобар актер, кој веднаш го одби. Тој не се појави на доделувањето на наградите и ја испрати младата актерка Сашин Литлфедер.
Режисерот Францис Форд Копола и Марио Пузо, кој е автор на истоимената книга, добија Оскари за најдобро адаптирано сценарио. Но, кога почнале да снимаат, ништо не им одело на добро. И самиот Копола, кој денес ги чува бележниците од снимањето, во еден разговор наброја десетина проблеми кои морале да ги решаваат од моментот кога Paramount Pictures го потпишал договорот.
„Имав 29 години и не бев афирмиран, па многумина мислеа дека можат да ми наредуваат. Ни дадоа буџет од 2,5 милиони долари и упорно инсистираа работите околу филмот да се одвиваат во 70-тите години, иако во книгата на Пузо голем дел од сцените биле опишани во 40-тите.
Не попуштив затоа што знаев дека костимите, автомобилите и сценографијата за тој период, значително ќе ги зголемеа трошоците“, рече Копола.
Големата кавга меѓу продуцентите се случила околу поделбата на улогите. Најмногу поради Марлон Брандо. Тој беше познат како проблематичен тип, па улогата на Дон Вито сакаа да му ја дадат на Лоренс Оливије. Во игра бил и Карло Понти.
Богатата телевизиска ѕвезда од тоа време Дени Томас бил подготвен да стане и косопственик на „Парамоунт“ за да ја добие улогата на Дон Вито Корлеоне.
„Кога почнав да инсистирам на Брандо, директорот на ‘Парамоунт’ почна да вика по мене дека тоа никогаш не сакал да го слушне. Тој ми даде три услови за да се случи тоа. Прво ако Брандо глуми бесплатно, второ да направи уште едно снимање и трето требаше да потпише обврзница од милион долари дека нема на сетот со неговото однесување да прави какви било проблеми со кои ќе ги зголеми трошоците на снимањето. Јас се согласив на ваквите ултиматуми и го повикав Брандо. Му реков дека пробното снимање ќе го направиме кај него дома. Знаев дека мрази кога режисерот му соли памет за улогата и дека не сака никаква галама. Имаше краток фитил. Во неговата куќа ја донесовме комплетната опрема. Ни рекоа дека Брандо сè уште спие. Тивко ги поставивме камерите и донесов некакви италијански колбаси и ги распоредив во неговата дневна. Тогаш се појави со косата собрана во пунџа, намачкана со црна паста за чевли. Рече дека ќе ја променел и бојата на гласот и дека ќе ја наполни устата со марамчиња за да изгледа како булдог. Кога ја видоа снимката од ‘Парамаунт’, не можеа да речат не“, рече Колола.
Долгата голема битка со продуцентите се водела и околу улогата за синот на Корлеоне, Мајкл. Копола пред снимањето го запознал тогаш младиот неафирмиран Ал Пачино.
„Откако почнав да работам на сценариото, го замислив Пачино како шета по карпите на Сицилија со двајца вооружени овчари. Таа слика почна да ме прогонува и затоа инсистирав на Пачино, иако тие инсистираа на Рајан Онил, ѕвездата од ‘Љубовна приказна’. Во опција беше и Роберт Редфорд. Тие имаа сини очи, а голем дел од Сицилијанците се со руси коси и сини очи“, рече Копола.
„Добро го познавав тој менталитет, но во филмот не сакав да подлегнам на стереотипите за Италијанците во Америка. Во сите филмови имаше негативци, олицетворение на криминалот, гангстери кои зборуваат англиски со италијански акцент, што не беше точно. Татко ми и неговите браќа беа образовани музичари. Татко ми свиреше во симфонискиот оркестар на Детроит. Затоа во филмот сакав многу да се готви и да се јаде италијанска храна, исто како во моето семејство“, рече Копола.
Во второто и третото продолжение се појавува и неговата мајка Италија Копола, одлична италијанска готвачка, која ја објавила книгата со рецепти „Книгата за тестенини на мама Копола“. И денес во Америка се продаваат тестенини и салса именувани по нејзиниот прекар Мамарела, со нејзин портрет на етикетата.
Интересно е тоа што Марио Пузо ја напишал книгата „Кум“ на речиси 50 години. Пред „Кум“, тој ја напишал и „Среќниот аџија“, во која зборува исто така за италијанските имигранти во Америка. Критичарите го пофалија, но книгата не постигна таков комерцијален успех како „Кум“. Овој пат Пузо сакаше да напише нешто од кое неговото семејство конечно ќе може пристојно да живее.
„Ја прочитав книгата веднаш штом излезе и морам да признам дека ме разочара. Мислев дека ќе биде поинтелектуална. Тоа му го кажав на Пузо, кој се согласи со мене бидејќи беше свесен дека овој пат напишал комерцијална книга. Тој никогаш немал контакт со италијанската мафија во Америка како што имав јас, иако потекнувавме од такви средини. Работевме многу на адаптацијата, а во меѓувреме се зголеми продажбата на книгата. Кога го снимав третото продолжение, се сретнав со еден млад човек кој ми кажа дека господинот Џон Готи би сакал да ме запознае лично. Реков нека му се заблагодари, но дека сум среде голема работа и дека веројатно нема да имам време“, рече Копола за шефот на мафијашкото семејство Гамбино.
Филмот „Кум“ Американската филмска академија го рангираше на второто место како најдобар холивудски филм на сите времиња, по „Граѓанинот Кејн“, а пред „Казабланка“.
По неговата премиера на 24 март 1972 година, филмот се најде на врвот на бокс офисот три години, пред Jaws. Копола немал намера да снима и продолженија, но од „Парамаунт пикчерс“ го убедиле да ги сними и „Кум II“ и „Кум III“.
На прашањето како го направиле тоа, Копола одговорил во стилот на неговите мафијашки херои.
„Ми дадоа понуда која не можев да ја одбијам. За време на пробата, Брандо ја намачка црната руса коса со лак за чевли, ја врза во пунџа, ја смени бојата на гласот и ја наполни устата со марамчиња затоа што рече дека мора да личи на булдог“, рече Копола.