Славица Еклстон денес важи за најбогатата жена во светот со стекнато богатство од 1,2 милијарди долари. Таа потекнува од Хрватска и е поранешна жена на првиот човек на Формула 1, Берни Еклстон.
Родена е во Ријека, со моминско презиме Радиќ. Потекнувала од сиромашно семејство. Финансиската состојба дополнително се влошила по разводот на нејзините родители, па хрватските медиуми пишуваа дека таа во една прилика била осомничена и за кражба на паричник. Таа професионално се занимавала со манекенство во 80-тите години. Се појавила во магазинот Старт, и поради височината од 185cm таа брзо се пробила во модниот свет во Милано, каде работела како модел за „Армани“.
Славица на само 23 години работела како модел за промотивен настан за Формула 1 на Гран При трката во Монца во 1982-ра година, каде го запознала Берни Еклстон, кој бил 28 години повозрасен од неа, но бил упорен во тоа да започне врска со неа. Покрај годините тие имаа разлика и во сантиметрите, односно 27 сантиметри Берни беше понизок од неа.
„Го колнев топлото време и трката и седнав на еден ѕид да запалам цигара. Берни кога ме виде веднаш ме повика во неговиот ‘мото-хотел’. Тоа беше неговата подвижна канцеларија во луксузно опремениот автобус. Ме викна на пијалак, но не можевме многу да разговараме затоа што јас не знаев англиски, а тој не знаеше италијански. Му оставив телефонски број – но, погрешен. Мораше да преврти половина свет за да ми го најде телефонскиот број и за неколку дена успеа да ме пронајде“, раскажала Славица во една прилика.
Во периодот кога се запознале Берни веќе 17 години бил во врска со Туана Тан, а во 1984-та година Славица останала бремена со ќерката Тамара, по што парот одлучил да стапи во брак во 1985-та година. Во 1988-ма година ја добија и ќерката Петра.
Парот 23 години беше во брак и заедно живееја во близина на Хајд Парк во Лондон. Славица и Берни живееја во деветкатна зграда, каде првите четири ката биле наменети за канцелариите на поранешниот прв човек на Формула 1, а во другите 5 ката бил сместен нивниот дом.
Во 2008-ма година, Славица поднесе документи за развод, а како причина за прекинот на бракот го наведе тоа што Берни постојано бил на работа и немал време за семејството. Судскиот процес траеше вкупно 58 секунди, колку што му беше потребно на судијата да го прочита решението.
Берни и Славица брзо и лесно се договориле за поделбата на имотот. Славица добила над милијарда долари во недвижности и акции, а денес е една од најбогатите жени од Хрватска.
Во 2014-та година Берни се соочи со скандал во кој се тврдеше дека тој му платил 30 милиони долари поткуп на германски банкар со цел да остане меѓу водечките акционери во Формула 1.
За време на судењето беше откриен интересен детаљ, дека Славица по разводот, секој месец му плаќа околу 100 милиони долари, но причината не е откриена.