Познатата актерка и комичарка Бети Вајт починала од мозочен удар. Ова е напишано во медицинскиот документ од одделот за јавно здравство во Лос Анџелес.
Од таму велат дека причината била цереброваскуларен мозочен удар, медицински израз за мозочен удар или губење на проток на крв во мозокот, предизвикан од згрутчување или руптура на крвните садови, што резултирало со оштетување на мозочното ткиво.
Овој документ беше објавен 6 дена по смртта на актерката. Од здравствената канцеларија во Лос Анџелес одбиле да даваат каков било коментар за нејзината смрт.
Извори блиски до Вајт велат дека актерката била присебна по мозочниот удар и дека на крајот умрела мирно во сон, а тоа го потврди и нејзиниот долгогодишен агент и близок пријател Џеф Витјас.
По нејзината смрт се раширија шпекулации дека таа починала од последица на примената вакцина, но Витјас тоа категорично го отфрли.
За потсетување, Вајт почина на 31 декември, 3 недели пред нејзиниот 100. роденден. Недолго пред тоа го најави документарниот филм за нејзиниот живот кој ќе се прикаже во 900 американски кина на 17 јануари, за нејзиниот роденден.