Брендан Фрејзер се расплака на шестминутниот аплауз по премиерата на новиот филм во Венеција

Актерот Брендан Фрејзер беше во центарот на вниманието на Филмскиот фестивал во Венеција и добил пофалби за својата улога во новиот филм на Дарен Аронофски, „The Whale“. Фрејзер ја задржал присебноста додека одел на црвениот тепих на фестивалот, но по премиерата се расплакал откако гледачите го наградиле со шестминутен аплауз за неговата изведба, наведува „Variety“.

Актерот повторно се врати на големиот екран поради улогата за која многумина веруваат дека би можела да биде кандидат за Оскар. Фрејзер ја толкува улогата на Чарли, речиси 300 килограми тежок маж кој се чувствува како да му се ближи крајот на животот.

Брендан бил толку трогнат од реакцијата на филмот што едвај станал додека публиката аплаудирала по одјавната шпица. Во текот на интервјуата со новинарите пред прикажувањето, актерот изразил благодарност .

„Со нетрпение очекувам овој филм да остави длабок впечаток на сите како што остави на мене“, изјавил тој, пишува „The New York Times“.

Фрејзер за потребите на филмот морал да носи протетика која понекогаш била тешка и до 150 килограми.

„Морав да научам да се движам на нов начин. Развив мускули за кои не ни знаев дека ги имам. Дури чувствував вртоглавица на крајот од денот кога ми ја отстрануваа протетиката, токму како што би се чувствувале кога би се симнале од брод на пристаниште тука во Венеција“, изјавил Брендан.

Одењето во чевлите на Чарли му помогнало на познатиот актер да ги цени оние чии тела се слични бидејќи научил дека „мора да бидете неверојатно силна личност, физички и ментално, за да опстанете во тоа физичко битие“.

Scroll to Top