На Кралот Чарлс Трети му се потребни работници кои ќе му ја уредуваат градината во Бакингемската палата. Затоа објави оглас за работни позиции чии плати се движат и до 40.000 фунти, или нешто повеќе од 46.000 евра годишно.
Со оглед на обемот на работата, потребното знаење и огромната одговорност, фановите на кралското семејство коментираат дека платата и не е така голема, но дека е чест и привилегија да се работи во британската кралска палата.
Познато е дека кралот е голем љубител на природата, екологијата, селскиот живот и градинарството. Иако многумина мислат дека принцот Чарлс разговара со билките и цвеќињата, сепак тоа се само шпекулации кои се пуштени од кралското семејство за да го прикажат Чарлс како ексцентричен англиски џентлмен.
Додека беше принцот од Велс, двапати спомена во интервјуа дека зборувал со цвеќињата. Првпат во 1986 година и повторно во 2012, пренесе „Јутрини.рс“.
„Вистина е дека стојам и зборувам со нив. Многу е важно да се разговара со билките. Тие и реагираат на кажаното“, рече Чарлс.
Затоа и во огласот е наведено апликантите мора да ги сакаат билките и дека работното време во Палатата е 39 часа неделно.
Огласот на кралскиот веб-сајт гласи: „Како управник на градината, ќе бидете одговорни за одржување и на градините во Бакингемската палата. Ќе бидете и горди што ќе имате можност да видите илјадници луѓе како уживаат во сработеното за време на забавите во градината“.
Во огласот е наведено и одржување на тревникот и негување на живата ограда, цвеќиња, особено розите. За кандидатите особено ќе биде важно обликувањето на кралските градини.
„Со посветеност на хортикултурата, ќе бидете фокусирани на реализација на нашите проекти за зачувување и унапредување на биодиверзитетите на нашите градини“, е наведено во огласот.
„Ако сте страствени обожаватели на билки, улогата на кралски градинар ќе ве инспирира да постигнете успех“, е додадено во него.
Исто така се бара и главен градинар и управник на расадникот во замокот Виндѕор. За овие кандидати, платата е нешто помала од онаа во Бакингемската палата, од 38.000 до 44.000 евра годишно.
„Како управник на градината ќе бидете одговорни за одржување и презентација на градината и терените во замокот и уредување на расадникот“, е наведено во огласот.
Оваа работа носи голем број обврски вклучувајќи ја и грижата за историската градина Moat Garden и специјланата колекција на домашни и градинарски билки од околните имоти, како и комерцијално производство на садници и кралски семиња кои можат да се купат во локалната продавница.
Конкурсот за двете функции завршува на 3 ноември.