Рок-бендот „Фу Фајтерс“ освои три Греми-награди, десет дена по смртта на нивниот тапанар Тејлор Хокинс. Момците од бендот, кои ја откажаа турнејата по смртта на Хокинс, не се појавија на телевизиското емитување пред шоуто, иако претходно го потврдија нивниот настап.
„Фу фајтерс“ освоија награди за најдобра рок изведба за Making a Fire, најдобра рок песна за Waiting On a War и најдобар рок албум Medicine at Midnight. Ова е нивниот десетти студиски албум и последен на кој се појави Хокинс. Албумот беше објавен во февруари 2021 година.
За потсетување, Хокинс (50) почина во Богота, Колумбија, на 25 март откако се пожалил на болки во градите во неговиот хотел. Прелиминарниот токсиколошки тест на урината открил десет различни супстанции во неговото тело, вклучувајќи ТХЦ, трициклични антидепресиви, бензодиазепини и опиоиди, според Канцеларијата на јавниот обвинител на Колумбија. Истрагата за причините за смртта е во тек.