Од Бакингемската палата најавија дека принцот Ендру е позитивен на коронавирус и дека нема да присуствува на прославата на платинскиот јубилеј на кралицата Елизабета.
Војводата од Јорк, кој се откажа од кралските должности по сексуалниот скандал, се очекуваше да биде во служба со другите членови од кралското семејство.
„Направениот рутински тест покажа дека војводата е позитивен на ковид и со жалење сака да ви пренесе на сите дека нема да присуствува на прославата на платинскиот јубилеј на кралицата“, рече портпаролот од Бакингемската палата.
Голем број членови од кралското семејство присуствуваа денеска на поворката за да ја гледаат воената парада. Подоцна, само неколку членови од семејството ѝ се придружија на кралицата на балконот на Бакингемската палата.
За потсетување, принцот Ендру ги негираше сите обвинувања против него, а подоцна дојде до вонсудска спогодба со Вирџинија Џуфре, жената која го обвини дека сексуално ја злоупотребувал, кога таа била малолетна. Со спогодбата тој не ја призна вината.