Познатиот музичар Ерик Клептон, кој беше гласен противник против задолжителната вакцинација, соопшти дека се заразил од коронавиурс. Тој рече дека ќе мора да ги откаже концертите во Милано и Цирих, кои му беа закажани за овој викенд и да ги презакаже за наесен.
Од неговиот тим рекоа дека пејачот бил фрустриран што е заразен од корона и што морал да ги откаже концертите.
„За жал, Ерик доби позитивен тест по вториот концерт во Лондон. Му беше речено да не патува и да не настапува затоа што тоа ќе го забави неговото закрепнување. Ерик не сака да ги зарази другите членови во тимот и фановите. Многу го фрустрира тоа што не се зарази за време на карантинот, туку сега“, рекоа од неговиот тим.
За потсетување, Клептон од почетокот на годината предизвика реакција кај фановите кога во едно од неговите интервјуа задолжителната вакцинација ја нарече масовна хипноза. Тој рече дека сигналите за оваа појава ги гледа насекаде околу себе, па дури и во сублиминалното рекламирање.
Музичарот се противеше на мерките против короната и еднаш изјави дека нема да настапува на место на кое ќе се бара посетителите задолжително да бидат вакцинирани. Сепак, подоцна тој пак настапи. Од неговиот тим рекоа и дека и тој е вакциниран против Ковид-19 и затоа имал поблага клиничка слика.