Необичниот настап на Џастин Бибер на фестивалот Коачела 2026 предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, но еден коментар особено го привлече вниманието – оној на Кети Пери, која од публиката не пропушти да се пошегува на негова сметка.
Додека Бибер настапувал на сцената со несекојдневен концепт, користејќи лаптоп и пуштајќи ЈуТјуб содржини како дел од шоуто, Пери, која била меѓу публиката, во шеговит тон изјавила: „Фала му на Бога што има Премиум – не сакам реклами“.
Нејзиниот коментар веднаш стана вирален и беше споделуван на сите платформи, при што многумина го оценија како еден од најзабавните моменти на фестивалот. Дел од фановите ја поддржаа духовитоста на Пери, додека други го бранеа Бибер, нагласувајќи дека неговиот настап бил креативен и носталгичен потег.
Инаку, настапот на Бибер оваа година беше далеку од класичен концерт. Тој излезе на сцена во лежерно издание, со минималистички пристап, и голем дел од сетот го посвети на неговите почетоци – пуштајќи стари видеа и хитови од времето кога се прослави токму преку ЈуТјуб.
Таквиот пристап предизвика поделени мислења – дел од публиката го оцени како оригинален и емотивен, додека други го нарекоа необичен и неочекуван за главна ѕвезда на Коачела.
И покрај критиките, настапот на Бибер несомнено беше еден од најкоментираните моменти на фестивалот, а реакцијата на Кети Пери само дополнително ја засили медиумската бура околу него.
Фестивалот Коачела 2026, кој се одржува во Калифорнија, и оваа година ги собра најголемите музички имиња и илјадници посетители од целиот свет, но очигледно – токму ваквите неочекувани моменти се тие што најмногу се паметат.






