Режисерот Адам Вингард на својот „Инстаграм“ објави дека набргу планира да работи на продолжение на култниот трилер „Украдено лице“, во кое главните улоги ги имаа Николас Кејџ и Џон Траволта.
Ваквата најава стигна откога многубројни медиуми ја пренесоа веста дека набргу ќе се сними римејк од прочуениот трилер. Како што објавија тие викендов, Адам, кој е режисер на филмот „Годзила против Конг“, требаше да напише сценарио за новата верзија од 1997 година.
Но, тој бргу ги негира ваквите вести и најави дека нема да има римејк, туку продолжение.
„Никогаш не ми паднало на памет да снимам римејк за ‘Украдено лице’. Тоа е совршен акционен филм. Сајмон Барет и јас ќе напишеме директно продолжение“, напишал Вингард на својот инстаграм-профил.
За потсетување, Вингард и Барет претходно соработуваа на хорор-филмот „Вештерките од Блер“, „Гостин“ и „Грозен ден за умирање“.
Оригиналниот „Украдено лице“ беше во режија на Џон Ву, а Џон Траволта и Николас Кејџ беа главните ликови. Траволта играше агент на ФБИ, а Кејџ беше терорист. Во сценариото двајцата меѓусебно го променија својот физички изглед.