Облечен во фустан од најновата колекција на „Гучи“, поранешниот член на групата „Уан дајрекшн“, Хари Стајлс, е првиот маж што се сликаше за насловната страница на американскиот „Вог“. 26-годишниот пејач и композитор, беше дел и од модниот едиторијал на списанието, заедно со неколку професионални модели.
Хари во интервјуто за модното списание, призна дека сака да експериментира со облеката и изјави дека нема никаква бариера за тоа што го носи. Тој и на јавни настани неколку пати се појави во фустан.
„Облеката е тука за човекот да се забавува и да експериментира… Има облека за мажи и има облека за жени. Кога еднаш ќе ја тргнете бариерата, очигледно се отвора арена во која можете да си играте“, изјави Стајлс.
Популарниот британски пејач се смета за модна икона и идол на помладата генерација.
„Понекогаш одам во шопинг и едноставно се фаќам себеси како гледам женска облека. Мислам дека е неверојатна. Секогаш кога ќе поставите пречки во вашиот живот, вие само се ограничувате. Има толку радост во играта со облека“, изјави пејачот.