(Фото) Камила побарала Кејт Мидлтон да ја слика за насловната на списанието „Кантри лајф“

Кејт Мидлтон ја сликаше Камила Боулс за насловната на јулскиот број на списанието „Кантри лајф“. Списанието ќе излезе во продажба на 17 јули и ќе го одбележи 75. роденден на војвотката од Корнвел. Сликата е направена во градината на Камила во нејзиниот дом Рејмил во Вилтшир.

Според „Телеграф“, кога се разговарало за насловната слика, уредникот на „Кантри лајф“, Марк Хеџис, ја прашал Камила дали има некакви размислувања околу сликањето.

„Таа веднаш одговори: ‘Ох, многу би сакала Кетрин да го направи тоа’. Следните три-четири минути очајно се обидував да се сетам кој е професионалниот фотограф Кетрин. Тогаш одеднаш сфатив што таа сака да каже – една од најневеројатните работи што може да се случат. И верувајте, ова беше една од работите на кои најлесно сум се согласил во животот“, рекол Хеџис.

Тој додал и дека уредниците на списанието се воодушевени од сликите.

„Ова е првпат Кејт да направи формален портрет на војвотката од Корнвол за списание и ние сме почестени што бевме избрани да ја објавиме оваа прекрасна фотографија. Сликите се одлични и со задоволство ќе ѝ понудиме на војвотката од Кембриџ можност и за нова соработка“, рекол Хеџис.

Камила е трет член на кралското семејство што се појавил на насловната на списанието „Кантри лајф“. Претходно два пати беше принцот Чарлс, за неговиот 65. роденден во 2013 година и за неговиот 70. роденден во 2018 година, што беше најпродаваното издание на сите времиња. Во 2020 година, принцезата Ана беше на насловната за да го одбележи нејзиниот 70. роденден.

Scroll to Top