Британската кралица Елизабета II самата почна со објавување на постови на „Инстаграм“, пишуваат британските медиуми. И покрај тоа што кралицата има 92 години, таа вели дека нема проблем со користењето на модерната технологија и да стане инфлуенсер. Првата објава кралицата ја направила во Музејот на науката.
„Денес имав задоволство да научам нешто за иницијативите за кодирање на компјутерите и сметам дека е соодветно мојот прв инстаграм-пост да го објавам во Музејот на науката. Ова место долго време ги заговара технологијата, иновациите и ја инспирира новата генерација на изумители“, објаснила кралицата во објавата.
Кралското семејство веќе неколку години има службена инстаграм-страница, за која е одговорен специјализиран персонал. На службениот профил на кралското семејство кралицата објавила фотографија од писмо кое кралскиот сметководител Чарлс Бабиџ во 1843 година го напишал на нејзиниот прадедо, принцот Алберт.