Легендарната актерка Изабела Роселини (73) за првпат јавно проговори за својот турбулентен брак со режисерот Мартин Скорсезе (82) и за неговите напади на бес, во новиот документарен филм на „Епл“ – „ Господин Скорсезе“.
Роселини и оскаровецот Скорсезе беа во брак од 1979 до 1982 година, во периодот кога се снимаа неговите култни филмови „Разјарениот бик“ (1980) и „Кралот на комедијата“ (1982).
Ќерката на славните Ингрид Бергман и Роберто Роселини се потсети на режисеровите бурни испади на гнев кои, како што нагласува, никогаш не биле насочени физички кон неа, но создавале многу напната атмосфера.
„Знаеше страшно да се налути“, раскажала Роселини во третата епизода од серијата. „Не кон мене, но можеше да демолира цела соба. Еден негов пријател еднаш го снимил и му ја покажал снимката. Марти беше шокиран – не бил свесен колкаво ниво на насилство можело да излезе од тоа ситно, астматично тело. Беше како вулкан. Беше застрашувачки.“
Таа додава дека често не се ни сеќава на причините за таквите испади.
„Понекогаш тоа беше нешто ситно, безначајно. Ќе се разбудеше и ќе почнеше да вика: ‘Кога ќе го сретнам, ќе му кажам…’, а јас му велев: ‘Марти, денот уште не почнал’. Со време сфатив дека тој бес делумно беше негов погон, нешто што му даваше храброст. Тој беше мало момче од уличките на Италија кое одеднаш требаше да води големи продукции. Мислам дека таа енергија, иако деструктивна, му помагаше да издржи и да ги заврши филмовите. Беше комплексно да се живее со него“, рекла актерката.
Во документарецот и самиот Скорсезе се осврнува на тој период, признавајќи дека тогаш се борел со тешка депресија.
„Имав сериозни лични проблеми. До таа мера што не можев да го монтирам ‘Кралот на комедијата’, филмот ми излезе од контрола“, изјавил режисерот.
На прашањето дали бил депресивен, одговорил: „И те како. Никогаш не сум почувствувал таква депресија – се обидував да работам, но не можев. Имав проблеми, бев луд, се обидував да започнам нови врски, но ништо не успеваше. Да не беше мојот доктор, кој ме примаше пет дена неделно и ме повикуваше и за време на викенд, веројатно немаше да бидам жив. Бев на многу силни лекови и едвај преживував. Беше ужасно осамено, но тоа беше моја вина.“
Бракот со Роселини му беше трет по ред. Скорсезе се има оженето пет пати, а од 1999 година е во брак со продуцентката Хелен Морис, со која ја има ќерката Франческа (25). Од претходните бракови има и ќерки Кети (59) и Доменика (49).
Роселини, по разводот со Скорсезе, се омажи за поранешниот модел и директор во „Мајкрософт“, Џон Видеман, со кого ја има ќерката Елетра (42). Таа е мајка и на синот Роберто Роселини (43).






