Долгоочекуваниот биографски филм за единствената израелска премиерка Голда Меир, која ја игра Хелен Мирен, ќе ја има својата премиера на Берлинскиот филмски фестивал во февруари, објавија организаторите.
Филмот предизвика контроверзии за одлуката на израелскиот режисер да ја избере Хелен Мирен, која не е Еврејка, за улогата на Меир, една од најважните личности во израелската историја.
Британската пијанистка Морин Липман, која е исто така познат борец против антисемитизмот, изјави за Jewish Chronicle дека религијата на Голда Меир е составен дел од нејзината личност и дека не е правилно да ја игра некој кој не е Евреин.
„Сигурна сум дека Хелен ќе биде одлична, но на Бен Кингсли не би му било дозволено да го глуми Нелсон Мандела“, рече таа, укажувајќи на актерот со англиско-индиско потекло кој доби Оскар за улогата на Ганди.
Мирен, која доби Оскар за улогата на Елизабета Втора во „Кралицата“, верува дека таквите прашања се легитимни и рече дека и самата се прашува дали и е соодветно да ја игра Меир.
Претходно, Дејли Мејл сподели дека му рекла на израелскиот режисер Гај Натив добро да размисли дали таа е вистинската личност за улогата.
„Но, тој ме сакаше во таа улога и почнавме да снимаме“, изјавила актерката.
Една од потписниците на израелската декларација за независност, Голда Меир беше премиер од 1969 до 1974 година, а нејзиното владеење беше обележано со војната во Јом Кипур во 1973 година, кога Египет и Сирија ненадејно го нападнаа Израел и му нанесоа големи загуби, пред Израелците да ја свртат војната на своја страна.
„Голда“, филм од тој период, ќе биде прикажан вон конкуренција во Берлин.
Берлинале, првиот европски фестивал годинава, се отвора на 16 февруари. Со жирито претседава американската актерка Кристен Стјуарт, а режисерот Стивен Спилберг ќе добие почесна Златна мечка за животно дело.