Хитот „Деспасито“ станал мета на хакери

Двајца француски државјани се обвинети во Париз по хакерскиот упад на популарната интернет страница за видео снимки, Јутјуб.

На мета на хакерите, минатата година се најдоа низа на музички видеа, вклучувајќи го и хитот на Порториканецот Луис Фонси, „Деспасито“, кое е најгледано музичко видео на Јутјуб на сите времиња, објави Би-Би-Си.

„Деспасито“ има повеќе од пет милијарди прегледи. Насловната страна, хакерите ја замениле со слика од маскирани и вооружени лица.

Канцеларијата на обвинителот во Париз ги именувала за одговорни двајцата осомничени како Насим Б. (18) и Габриел КАБ (18). Од канцеларијата на обвинителот било соопштено дека полицијата осомничените првично ги идентификувала по нивните имиња на интернет „Prosoks“ и „Kurois“.

Хакерите успеале да влезат во профилот на популарната музичка платформа „Vevo“ на Јутјуб каде ја измениле насловната страна на песната, а на некои поставиле и пропалестинска порака.

Ги хакирале и видео снимките на други поп-ѕвезди, меѓу кои и на Селена Гомез, Тејлор Свифт, Кети Пери, Крис Браун и Шакира.

 

 

Scroll to Top