Фудбалерот Златан Ибрахимовиќ кој ја заврши фудбалската кариера и се пензионираше, по многуте проблеми со повредите во последните две години, најави враќање во фудбалот.
Ибрахимовиќ не издржа ниту цел месец во пензија, па сега најави дека размислува да се врати. Иако се прости од фудбалот и навивачите, иако минатата сезона одигра само четири натпревари, се чини дека тоа нема да го спречи уште еднаш да облече копачки, шорц и дрес.
Докторите конечно му дале добри вести и тој веднаш почнал да размислува за враќање на теренот.
„Сега не брзам, но ќе видиме што ќе се случи понатаму. Поминаа само три недели откако го објавив моето пензионирање. Можеби ќе се вратам на теренот. Можеби за еден месец ќе бидам во тренинг кампот на Милан“, изјавил Ибрахимовиќ за „Спорт Медиасет“.
„Благодарен сум им на сите што би сакале да ме видат во Милан, дури и во улога на менаџер. Милан секогаш ќе биде во моето срце. Преживеавме многу со овој клуб. А таквата љубов од навивачите ми дава сила“, изјавил поранешниот играч на Малме, Ајакс, Милан, Интер, Барселона, ПСЖ, Манчестер Јунајтед и ЛА Галакси.
Кариерата ја заврши со 511 клупски голови и 62 гола на 122 натпревари за Шведска.