Канје Вест објави песна за Хитлер, Австралија му ја одзеде визата

На раперот Канје Вест, кој се претставува под уметничкото име „Је“, му е одземена австралиската виза откако ја објави песната „Хајл Хитлер“, објави денес министерот за внатрешни работи на земјата, Тони Бурк.

Тој изјави дека Вест патува во Австралија со години и дека неговата контроверзна песна е критикувана за промовирање антисемитизам и, како што се наведува, за оддавање почит на Адолф Хитлер, водачот на нацистичка Германија.

„Долго време доаѓа во Австралија. Има семејство тука. Кажал многу навредливи работи што ги прегледале моите службеници откако песната била објавена. Тој повеќе нема важечка виза во Австралија“, рече Бурк на државната телевизија.

Тој додаде дека Австралија „веќе има доволно проблеми и без намерно увезување нетрпеливост“.

(Фото: ЕПА)

Scroll to Top