Холивудскиот глумец Силвестер Сталоне во интервју за „Сандеј тајмс“ раскажа како го спасил 25-годишниот брак со Џенифер Флавин, па вели, конечно го ставил семејството пред кариерата.
„Имаше повторно будење на она што беше повредно од сè, а тоа е мојата љубов кон моето семејство. Тоа има предност пред мојата работа и беше тешка лекција за учење“, изјави 76-годишниот Сталоне.
Тој призна дека жали што во одреден момент се фокусирал на својата кариера, наместо на своите деца. Силвестер и Џенифер (54) имаат три ќерки, Софија (26), Систин (24) и Скарлет (20).
„Не им обрнував доволно внимание кога растеа. Доста долго бев ориентиран кон кариерата, а сега си велам: во ред, немам многу писта пред себе и сакам да почнам да ги прашувам за нивните животи. Сакам да ги прашам каков им бил денот,“ додава тој.
За потсетување, поранешната манекенка поднесе барање за развод од ѕвездата на „Роки“ на 19 август, но еден месец подоцна тие се смирија и објавија дека ги надминале разликите.