Моделот Ребека Ландрит е пронајдена мртва покрај пат во американската држава Пенсилванија, соопшти американската полиција.
47-годишната манекенка била пронајдена мртва во неделата наутро, со белешка во џеб со името на човекот кој веднаш бил осомничен за убиство. Трејси Ролинс бил уапсен во средата и беше обвинет за злосторничко убиство и злоупотреба на труп, пишува „The Mirror“.
Судијата Доминик Адамо во изјавата рече дека Ребека имала прострелни рани на главата, вратот, грлото, градите и раката. За време на обдукцијата биле пронајдени 18 куршуми. Полицијата верува дека била убиена неколку часа пред да биде пронајдена.
Таа немала никаков документ за идентификација на себе кога била пронајдена, но отпечатоците од прстите биле доволни за да им помогнат на истражителите да утврдат која е жртвата.
Полицијата открила крв и чаури во камионот на 28-годишниот Ролинс, кој претходно се обидел да го исчисти своето возило со белило и други раствори. Тој веднаш беше уапсен, три дена по пронаоѓањето на телото на Ребека, во Конетикет.
Ребека беше успешен модел и финалист на Мис на Менхетен во 2014 година. Братот на Ребека, Џорџ Ландрит за „PennLive“ изјавил дека таа била отуѓена од семејството околу пет години пред нејзината смрт. Истрагата за причините за убиството е во тек.