Поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, сними неколку епизоди од своето шоу за готвење наменето за деца. Серијата, која ќе има премиера напролет на „Нетфликс“, има цел да ги поттикне децата да се хранат здраво.
Проектот е во нејзина продукција, а таа глуми заедно со кукли.
„Серијата има цел да ги научи децата на радостите на домашната кујна – да уживаат во здрава храна подготвена дома, а не во готови јадења. Госпоѓа Обама ќе игра сопственик на супермаркет заедно со куклите Вафлс и Мочи, кои потекнуваат од Земјата на замрзната храна“, стои во соопштението на „Нетфликс“.
Куклите Вафл и Мочи се прикажани како амбициозни готвачи и најдобри пријатели. Со помош на сопственичката на супермаркетот (Мишел Обама) тие тргнуваат на кулинарско патување во кујни, ресторани, фарми и домови во целиот свет. Серијата ќе има 10 епизоди, а рецептите што ќе ги промовира се направени од секојдневни состојки. Јадењата ќе се готват заедно со познати готвачи, домаќинки, деца и славни личности.
Поранешната прва дама на САД ја опиша серијата како урнебесна и едноставно магична претстава.
Ова е само еден од шесте проекти што Мишел и Барак Обама преку својата продуцентска куќа ќе ги снимаат за „Нетфликс“.