Глумицата Наја Ривера починала од давење, стои во официјалниот извештај за нејзината смрт. Таа официјално беше прогласена за мртва на 13 јули, пет дена откако исчезна во езерото Пиру во Калифорнија. Таа беше погребана на 24 јули во меморијалниот парк Форест Лон во Лос Анџелес.
Во официјалниот извештај на судскиот вештак стои дека актерката се удавила за само неколку минути. Исто така, се нагласува дека немало никакви други околности што придонеле за нејзината смрт.
Ривера изчезна откако заминала на патување со изнајмен брод во езерото Пиру. Таа го изнајмила бродот на три часа и испловила заедно со четиригодишниот син Џоси Дорси.
„Тој и Наја заедно пливале во езерото. Детето ни изјави дека Наја му помогнала да се качи на бродот“, изјави шерифот на Вентура Каунти, Бил Ајуб и објасни дека детето им кажало на детективите дека се свртело назад и ја видело мајка си како исчезнува под површината на водата.
„Сметаме дека собрала доволно енергија да го врати детето на бродот, но не и да се спаси себеси“, рече шерифот.
Откако истекло времето на изнајмување на бродот, вработените во агенцијата го нашле бродот на северната страна на езерото, а Џоси бил внатре, заспан, со елек за спасување на себе. Елек за спасување во величина за возрасен, за кој се смета дека бил на Ривера, бил најден на бродот.
Веднаш беше почната истрага и акција за пребарување, но полицијата се посомнева дека актерката починала.
На 13 јули спасувачите извлекоа тело од езерото, најдено на дното, заплеткано во подводни грмушки. Подоцна беше потврдено дека телото е на Наја Ривера.
Во езерото Пиру имало неколку случаи на давење во изминативе години и отворена е петиција да се воведе забрана за пливање.
Ривера се прослави со улогата на Сантана Лопез во популарната серија „Гли“ и стана еден од ТВ-симболите на ЛГБТ-заедницата откако нејзиниот лик се изјасни како геј. Ривера продолжи да ја поддржува и охрабрува ЛГБТ-заедницата и во својот приватен живот.
На 2 јули Ривера објави селфи на Инстаграм со порака: „Без разлика каква е годината, какви се околностите или проблемите со кои се соочувате, секој ден е благослов. Искористете го до максимум овој ден и секој ден што ви е даден. Никој не може да ни вети дека ќе има утре.“ Многумина потоа ова го протолкуваа како предвесник на трагичниот настан.