Холивудскиот актер Шон Пен гостуваше на американската телевизија „Фокс“, каде со водителот Шон Ханити зборуваше за војната во Украина. На прашањето зошто претходно не сакал да му гостува во шоуто и да зборува за војната во Украина, актерот му одговори дека не му верува.
„Ти реков веќе еднаш, едноставно не ти верувам. Постојат многу причини за тоа“, рече Пен, но не сакаше да појасни што е тоа што му замерил на водителот и неговата телевизиска куќа.
Снимката за брзо време се рашири на интернет, а Ханити не успеа да дознае што е тоа што Пен му замерил претходно и дали по ова интервју актерот конечно ја стекнал неговата доверба. Пен не сакаше да одговори и продолжи да зборува за војната во Украина.
„Кога ќе зачекорите во земја со такво неверојатно единство како што е Украина, сфаќате што ни недостасуваше на сите овде. И мислам дека недостигот на доверба е само ситница во таа приказна“, рече Пен.
За потсетување, Шон Пен се најде во Украина во моментите кога се случи руската инвазија и снимаше документарец за војната.