Поранешните претседатели на САД, Барак Обама, Џорџ В. Буш и Бил Клинтон, ќе примат вакцина против коронавирусот пред камера за да ја уверат јавноста во безбедноста на вакцината кога американската администрација за храна и лекови ќе ја одобри.
Тројцата поранешни претседатели се надеваат дека кампањата за подигнување на свеста за вакцинација ќе биде моќна порака бидејќи американските службеници за јавно здравје се обидуваат да ја убедат јавноста да ја примат вакцината.
Фреди Форд, шефот на кабинетот на Буш, за Си-ен-ен изјави дека 43. претседател се обратил до д-р Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и инфективни болести и врвен експерт за заразни болести, и д-р Дебора Бирк, координаторот за одговор на коронавирусот во Белата куќа, за да види како тој може да помогне во промовирање на вакцината.
„Пред неколку недели претседателот Буш ме замоли да им соопштам на д-р Фаучи и д-р Биркс дека, кога ќе дојде време, тој сака да стори сè што може за да им помогне на своите сограѓани да се вакцинираат“, изјави Форд за Си-ен-ен.
„Прво, вакцините треба да се сметаат за безбедни. Потоа, Буш со задоволство ќе се вакцинира пред камера“, додава Форд.
Прес-секретарот на Клинтон за Си-ен-ен изјави дека и тој би бил подготвен да ја прими вакцината јавно со цел да ја промовира.
„Тој, дефинитивно, ќе ја прими вакцината штом биде достапна врз основа на приоритетите утврдени од јавните здравствени службеници. И тој ќе го стори тоа јавно ако тоа им помогне на сите Американци да постапат исто“, рече Анхел Урена.
Обама, пак, вели дека ако Фаучи рече дека вакцината против коронавирусот е безбедна, тој верува во него.
„Во луѓето како Ентони Фаучи, кого го познавам и со кого работев, верувам во целост“, рече Обама. „Значи, ако Ентони Фаучи ми рече дека оваа вакцина е безбедна и може да се вакцинирам, апсолутно јас ќе ја примам“, рече Обама.