Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, преговара со Нетфликс да продуцира високобуџетна серија, објави „Њујорк тајмс“.
Изданието пишува дека „според услови на предложен договор, кој сè уште не е финален, Нетфликс ќе им плати на Обама и неговата сопруга Мишел за екслузивна содржина што ќе биде достапна само на стриминг сервисот, којшто има околу 118 милиони претплатници низ светот“.
Бројот на епизоди и форматот на серијата не се дефинирани. Не се соопштува ниту колку хонорар би зеле Барак и Мишел Обама како продуценти, а наводно, се разговарало за работа на инспиративни теми.
Се шпекулира дека Обама би можел да продуцира серија на теми што доминираа во текот на неговиот мандат, како здравствена грижа, правото на глас, имиграцијата, надворешната политика и климатските промени или теми за кои е заинтересирана Мишел, како нутриционизмот.
Инаку, поранешната претседателска двојка на САД работи и на своите мемоари, за кои, според некои извештаи, добиле 60 милиони долари.