Вработен во „Амазон“ откри како изгледа нивниот озлогласен завршен круг разговори за работа, последната и најинтензивна фаза од селекцискиот процес во компанијата. Станува збор за вистински маратон – четири до шест последователни интервјуа, од кои секое трае меѓу 45 и 60 минути, а сите се одржуваат во ист ден, пренесува Унилад.
Официјален опис на процесот
На официјалните страници за вработување, „Амазон“ наведува дека кандидатите разговараат со повеќе вработени, при што секој од нив проценува различни вештини и искуства за да се добие целосна слика за тоа како кандидатот би се вклопил во тимот и работната средина.
Сите кандидати се оценуваат според таканаречените „Принципи на лидерство“, интерен сет на вредности и правила, а интервјуерите бараат конкретни примери за тоа како кандидатите ги применувале во досегашната работа.
Компанијата користи прашања засновани на реални ситуации од пракса, со цел да добие конкретни примери од претходното искуство и да разбере како кандидатот пристапува кон предизвици, донесување одлуки и соработка. Пример за такво прашање е:
„Опишете ситуација во која сте презеле ризик, сте направиле грешка или сте доживеале неуспех. Што се случи и што научивте од тоа?“
Искуство од прва рака
Еден вработен во „Амазон“ од Австралија, кој работи во малопродажниот тим, го споделил своето искуство на „Редит“, потврдувајќи дека процесот е исклучително тежок. Тој го опишал како „многу интензивен“ и објаснил дека системот е многу посложен отколку што изгледа на прв поглед.
„Прво следи 20-минутен телефонски разговор со одделот за човечки ресурси. Потоа доаѓа едночасовен видеоповик со менаџерот кој вработува. По тоа следи завршниот круг – пет едночасовни разговори, еден на еден, со пет различни лица“, појаснил тој.
„Од тие пет лица во завршниот круг, едно е таканаречен ‘bar raiser’, лице задолжено за одржување на високи стандарди; од него се очекува да биде построго кон кандидатот и подетално да го испрашува. По завршниот круг, интервјуерите даваат препорака ‘вработи’ или ‘секако вработи’, односно ‘не вработувај’ или ‘никако не вработувај’. Потоа се состануваат и дискутираат. Мислењето на менаџерот што вработува и на ‘bar raiser’-от има најголема тежина. Кандидатот мора да добие препорака за вработување од сите пет интервјуери“, додал тој.
Исцрпувачко и монотоно
Друг корисник на „Редит“ го опишал процесот како целосно исцрпувачки.
„Никогаш не сум учествувал во толку интензивен, монотон и здодевен процес на вработување“, напишал тој.
„Во еден момент гласот почна да ме издава, бидејќи од мене се очекуваше да зборувам 30 до 45 минути. Повеќето интервјуери ми оставија само десет минути на крајот за мои прашања, а имав многу повеќе што сакав да прашам отколку што времето дозволуваше“, се пожалил.
Слично искуство споделила и вработената Емили Мареј на веб-страницата на „Амазон“.
„Иако и претходно сум одела на интервјуа за работа, ниту едно не било толку ригорозно, долго или темелно како тоа во Амазон. Процесот се состоеше од телефонски разговори со регрутер и менаџерот што вработува, по што следеше петчасовен завршен круг интервјуа со неколку интервјуери од различни делови на компанијата“, навела таа.
Мареј им советува на кандидатите однапред да подготват конкретни примери од своето искуство, да поставуваат прашања, да ги прилагодат одговорите на описот на работното место и своите успеси да ги поткрепат со бројки и податоци.






